Пол Еспаргаро ги опишува предностите од тоа да се има Дани Педроса како тест возач во КТМ; „Тој прави нов пакет кој ќе биде подготвен за тестот во Малезија следната година.“
Пол Еспаргаро зборува за влијанието кое го има тест возачот на КТМ, Дани Педроса, откако имаше можност да го набљудува поранешниот шампион за време на тестот кој се одржа на патеката во Каталуња. Вели дека неговиот сонародник веќе е фокусиран на можните делови и правецот по кој ќе се развива мотоциклот во сезоната 2020.
Поради падот кој го имаше во понеделникот, помладниот од браќата Еспаргаро не можеше да биде дел од тестот во средата. Но за среќа на поранешниот Moto2 шампион, Педроса беше подготвен да го замени.
„Замислете си јас да не можев да настапам во средата и на патеката да моравме да се појавиме само со Јохан“ , вели Еспаргаро. „Имаме голема доверба во него но ќе имавме само половина од информациите.“
„Работите кои што ги тестираше Дани се навистина важни како за моменталниот проект така и за иднината. Не ми се допаѓаше премногу што не бев дел од тестот но имав можност од поинаков аспект да ги видам работите.“
„Мислам дека Дани се уште го учи мотоциклот. Но секогаш е одлично да се слушне неговото мислење бидејќи ни дава една поинаква престава на работите.“

Еспаргаро вели и дека за време на престојот на Педроса во тимот на Honda, голема корист од тоа имале неговите поранешни колеги Кејси Стонер и Марк Маркез.
„Во минатото можевме да видиме дека Дани прави одлични работи со Honda. Кога Кејси беше таму, тој беше навистина брз но не беше добар при развојот на мотоциклот. Дани ја презеде таа обврска и немаше никаков проблем да тестира различни делови. Токму поради тоа Кејси беше неверојатно брз.“
„Не знам дали беше исто но имаше многу сличности и во соработката со Марк. Кога Дани беше таму, тој секогаш ги тестираше деловите кои му се допаѓаа на Марк. Сега мислам дека Дани се фокусира на иднината.“
„Тој едноставно прави нов пакет, нов мотоцикл кој ќе биде тестиран на многу сличен начин како што прави Honda. Тестирање на мотоциклот на средина на сезоната и потоа уште еднаш откако ќе заврши сезоната. Потоа мислам дека ќе го имаме новиот пакет подготвен за тестот во Малезија следната година. “
„За време на последниот тест, Дани излезе на патеката со мотоцикл кој можеби не беше толку брз но Дани беше убеден дека тоа е иднината на компанијата. А тоа го знае бидејќи има големо искуство зад себе.“
„И да сакам јас да го направам тоа не можам бидејќи немам толку години искуство настапувајќи во фабрички тим. Дури и ако сум брз со КТМ, јас ги немам овие информации. Дани е единствениот кој ги знае овие работи.“
„Тој има и многу поинаков стил на возење и навистина е добро да се видат овие работи.“
„Не е дека Мика беше слаб во тоа што го правеше, но станува збор за поинаков вид на работа. Дани прави целосно нов мотоцикл и ние се фокусираме на подобрување. Во тимот има две линии, Дани е на едната а ние сме на другата.“
„Ние сме фокусирани на брзи резултати додека пак Дани на долг рок. Има два правци и мислам дека тој е вистинскиот човек за нас. Тој е трпелив и сака да се посвети на вакви работи. За прв пат во КТМправиме нешто вакво и навистина е многу интересно.“
Во однос на новите делови кои ќе ги има за време на Холандската Гран При трка, Еспаргаро вели: „Ќе се обидеме да бидеме малку полесни. Тоа е нашата главна цел. Дотогаш ќе се обидеме да тестираме неколку делови кои немавме можност да ги тестираме во Каталуња.“

Коментари