Марк Маркез откри дел од стратегијата која Андреа Довициозо ја употреби во борбата за првото место на трката во Австрија.
Марк Маркез вели дека Андреа Довициозо имал интересна стратегија на Гран При трката на Австрија. Актуелниот шампион вели дека возачот на Ducati во последните неколку круга намерно тактизирал со цел борбата да биде во последниот свиок.
Иако Маркез не се бунеше на оваа тактика на Довициозо, бидејќи како што изјави, знаел дека и второто место ќе му одговара бидејќи веќе има удобна предност на табелата.
„Во последните шест или седум круга, тој си играше со мене. Неколку пати ја затвори гаста а имаше и подобро излегување од свиоците“ , изјави Маркез. „Јас бев подобар при сопирањето но тогаш преземате поголем ризик.“
„Реков дека ќе се обидиме да стигнеме до победа но и дека нема премногу да ризикуваме. “
„Дури и покрај ова имав мала шанса за победа. Се обидов но не беше возможно. Иако имавме проблеми сепак бевме блиску до Ducati.“

Прашан за обвинувањата на Маркез, Довициозо призна дека два пати во текот на трката ја употребил оваа тактика со цел да го наруши ритамот на возачот на Repsol Honda.
„Не тактизирав со брзината бидејќи ако имав можност да завршам сам, ќе го направев тоа“ , изјави Довициозо. „Два пати тактизирав на правецот бидејќи ако претекнете еден возач, тогаш оној што е зад вас, а особено ако тоа е Марк, тој ќе може да го контролира сопирањето и да влезе од внатрешната страна.“
„Мотоциклот имаше подобар контакт со површината кога свиоците беа на десната страна. Токму тоа ми овозможи да бидам побрз. Единствената разлика меѓу нас двајца беше тоа што кај мене забрзувањето беше подобро.“
Маркез вели и дека контакот на неговиот мотоцикл со оној на Ducati, го спречил да се бори за победа.
„Се одлучив за средината од патеката но во тој момент тој ме претекна. Мислев да го претекнам на истиот начин како што направи тој пред две години но тогаш дојде до контакт меѓу двата мотоцикли.“
„Мислев дека ќе паднам но за среќа мотоциклите се разделија. “
По завршувањето на трката во Австрија, Маркез има удобна предност од 58 поени во однос на Довициозо. До крајот на сезоната остануваат уште осум трки.

Коментари