Кој би помислил дека ќе видевме вакво нешто на почетокот на сезоната. Јохан Зарко како возач на Honda MotoGP…
Ова е прва слика од Јохан Зарко во боите на LCR Honda. Французиот, кој го напушти КТМ после трката во Мисано, ќе го преземе местото на Такааки Накагами и ќе настапи на трките во Сепанг, Филип Ајленд и Валенсија.
Овие трки исто така се и можност за Зарко да го покаже својот потенцијал, во случај во иднина да се отвори простор во Honda.
„Многу сум среќен но тешко е да се каже кои ќе бидат целите. Имав две добри сезони во MotoGP но во последната година работите почнаа да се комплицираат“, вели Зарко.
„Се чинеше дека е завршена мојата приказна во MotoGP. Но ми се јави Лусио и ми се укажа можност да настапам на овие три трки. Ќе дадам се од себе бидејќи тие може да ми бидат последни во серијата.“
„Многу ризикував што го прекинав договорот но ми стана јасно дека само сакам да се тркам. Можеби немам многу трки пред мене но навистина сакам да уживам додека трае сето ова.“

За време на двете сезони кои ги помина со Tech3 Yamaha, Зарко шест пати се искачи на подиумот. Откако не успеа да се прилагоди на новиот мотоцикл, тој побара раскинување на договорот со КТМ. Најдобар пласман оваа сезона му беше десетата позиција. Тој беше поврзуван со местото тест возач во Yamaha во сезоната 2020.
На трките Зарко ќе настапи со истиот мотоцикл со кој возеше Накагами. Новиот тимски колега од LRC,Кал Кратчлоу како и возачите на Honda, Марк Маркез и Хорхе Лоренцо настапуваат со помоќна машина.
Зарко имаше лош настап на Филип Ајленд минатата година откако се удри во мотоциклот на Марк Маркез. Во 2017 година имаше многу подобра трка а тогаш стартуваше и од првиот ред.
Најдобар пласман на Накагами оваа сезона му е петата позиција.
КТМ објави дека Бред Биндер ќе го преземе местото на Зарко следната сезона а дебитантот Икер Лекуона ќе настапува за Tech3. Во моментов, слободно место има во тимот Ajo кој е дел од Moto2 шампионатот.

Коментари